Најновата соработка на локалните избори, објавена вчера, е помеѓу опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива.

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива, Христијан Мицковски, Зијадин Села и Африм Гаши, вчера на средба постигнале договор за соработка на претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври, објавија партиите во заедничко соопштение. За деталите за соработката ќе се договараат општинските организации на трите партии.

– Тема на ова средба беа претстојните локални избори и можноста за опозициска соработка помеѓу овие партии, при што како главен мотив беше посочена борбата против корупцијата и криминалот застапени во општините раководени од СДСМ-ДУИ. Тројцата претседатели констатираа дека водејќи се од извештајот на Транспаренси Интернешенл, според кој Македонија е рангирана на историско најлошото 111 место, станува неминовна опозициската соработка, со цел единиците на локалната самоуправа да бидат ослободени од корупциското владеење, од нетранспарентното трошење на пари и од злоупотреба на власта на СДСМ и ДУИ на сите нивоа на државната управа, информираа во соопштението трите партии.

Актуелниот градоначалник на Општина Куманово Максим Димитриевски, кој дојде на функцијата како кадар на СДСМ, најави дека влегува во трката за нов четиригодишен мандат, но како независен кандидат. Тој вчера информираше дека веќе го собрал потребниот број граѓански потписи за независната кандидатура.

– Според последните информации што ги добив во 13 часот, потписите на поддршка од граѓаните за нов четиригодишен мандат како градоначалник на Куманово се веќе собрани. Им благодарам на сите граѓани кои ме поддржаа и веруваме дека и во наредните четири години ќе продолжиме со упорната работа да го менуваме ликот на Куманово и да го забрзаме неговиот развој, изјави Димитриевски, откако ја поднесе кандидатурата до локалната единица на ДИК.

Според најавите, на претстојните локални избори Димитриевски ќе настапи и со независна листа на советници, а носителка ќе биде жена. Неговата матична партија СДСМ реши да оди со друг кандидат за градоначалник на оваа општина, а засега не е познато кој ќе биде противникот на Димитриевски на локалните избори во октомври.

– СДСМ ќе ја даде најдобрата понуда за граѓаните на Куманово на овие локални избори, а името на кандидатот и советничката листа ќе бидат објавени наскоро. Потегот на Димитриевски го олеснува изборот на граѓаните. Тој што им врти грб на граѓаните, на поддржувачите на демократската и прогресивната опција, на членството и базата на СДСМ, не може да биде најдобра опција за кумановци, реагираа вчера од неговата матична партија.

Покрај Димитриевски, своето незадоволство од СДСМ го искажа и актуелниот градоначалник на Општина Дебарца, кој исто така ќе бара втор мандат, но не од неговата партија туку како независен.

И независната кандидатка за градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска вчера објави дека ги собрала потребните потписи за нејзината кандидатура. Заблагодарувајќи им се на скопјани за потписите, побара поддршка од сите граѓани и партии и истакна дека влегува во оваа трка со чисто срце и јасна визија.

-Денешниот ден го завршуваме со собрани потписи за мојата кандидатура. Ви ветувам дека заедно ќе го направиме градот метропола со која ќе се гордееме. За Скопје од нас, за наше Скопје. Време е за брзи и ефикасни решенија за нашиот град, бидејќи сите сакаме да живееме во убав град, наведе Арсовска синоќа во објава на Фејсбук.

Собирањето потписи за независните кандидати за градоначалници и советнички листи трае до 30 август. Вработените во подрачните единици на Државната изборна комисија (ДИК) денеска и утре ќе работат еден час подоцна, а на 30 август, ќе работат до 24 часот, најавија вчера од ДИК.

Според податоците што ги објави вчера ДИК, досега 15 независни кандидати за градоначалници ги собрале потребните потписи за учество на локалните избори, а потписи собрале и 30 независни советнички листи во различни општини во подрачните единици на ДИК.

Паралелно тече и увидот во Избирачкиот список, како и промоцијата на кандидатите, како независни или со поддршка на партии и коалиции.