Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повика на масовно обединување на граѓаните на изборите за градоначалник на општина Брвеница, закажани за 18 октомври годинава. Тој се обрати на митинг во Милетино и потсети на периодот на претходната власт.
„Седум години ја ограбуваа, ја распродаваа и ја уништуваа Македонија. Како да овие луѓе до пред само две и пол, три години, не беа тие коишто беа понижувани преку партија фудбалчиња и баскет парти во кабинетите и беа верни слуги на оние кои што владееја со нив. Како да заборавиле и на модуларната болница, како да заборавиле и на стабри и на мархиуана економија. И денеска еве ги тука пред вас, ви кажуваат како тие биле опцијата, како тие ќе го нанеле ударот врз идниот градоначалник Стојанчо, и како тие ќе помогнеле да не бидеме ни ние тие кои што ќе влезат во вториот круг“, рече Мицкоски.
Тој ги повика граѓаните да се обединат на 18 октомври, оценувајќи дека опозицијата не е алтернатива.
„Не се тие алтернативата. Тие се луѓето кои што ја ограбија и уништија Македонија. Зарем сакаме тие времиња да се вратат, кога понижени со свиткана кичма потпишуваа бели листови хартија, распродавајќи ја државата и истовремено ги полнеа своите џебови. Зарем тие истите луѓе, коишто седум години не водеа сметка да ве прашаат и погледаат во очи, како ви е, како се живее и што треба да направат за вас, за вашето место, за вашата општина и за нашата заедничка татковина. Единствено нешто за кое што се грижеа беше нивниот паричник, нивниот удобен живот, дебелите персиски килими, кожните фотелји и што е можно повеќе да украдат од вас граѓаните“, рече Мицкоски.
