Собранието ќе ги повтори опозициските прашања во рамки на 130. пленарна седница, се согласиле координаторите на пратеничките групи, соопшти претседателот на Собранието Африм Гаши, без да прецизира кога точно ќе се одржи седницата.

Собранието потоа се префрли на 129. седница и со 63 гласа „за“ го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки, чиј што указ претходно не беше потпишан од претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, со соодветно укажување. Владејачкото мнозинство поднесе амандман со кој беше избришан членот од укажувањето на претседателката.

Претходно, во врска со процедуралните забелешки на пратениците од опозицијата за 130. седница на која требаше да бидат поставувани пратенички прашања, но не се одржаа, Гаши нагласи дека нема проблем кој не може да се надмине.

„Никој не сака да прави преседани, туку сакаме заедно да одиме кон решавање на евентуалните или објективни проблеми што настануваат со интерпретација на одредени членови на деловникот“, рече Гаши.

Според него, во случај кога има различни интерпретации за одредени членови од Деловникот кои не се целосно прецизирани, при недоразбирање најдобро е сè да се надмине преку заеднички договор.

„Јас затоа ја прекинав вчера седницата и ве повикав на координација. Вие не дојдовте. Јас се надевам дека во понеделник ќе дојдете сите координатори и ќе разговараме на оваа тема. Јас сум убеден дека можеме да најдеме решение. Нема проблем кој не може да се реши. Затоа мислам дека сите опции се отворени да продолжиме со оваа седница“, истакна Гаши.

Тој претходно даде 30 минути пауза за координација со пратеничките групи откако расправата по дневниот ред не започна поради процедуралните реакции на опозицијата.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, пратеникот Оливер Спасовски, оцени дека е направен преседан со кој не се одржале пратеничките прашања на опозицијата, како и со тоа што барањето за пауза се сметало во времето за прашања.

„Мислам дека тоа е целосно изигрување на деловникот и на сè тоа она што било воспоставено како пракса во законодавниот дом“, истакна Спасовски и побара прекин на седницата за координација.

И Борислав Крмов од Левица упати критики за течењето на времето за прашања за време на паузите побарани од мнозинството.

„Во ред е да разговараме на координација, но во суштина нема што и да се разговара. Ова мислам дека е единствен случај во светот каде времето тече за време на пауза. И со тоа бидејќи имаме три субјекти во мнозинството, тоа се три часа пауза, нема институт кој што постои во деловникот, кој зависи од волјата на мнозинството. Такво нешто не може“, рече Крмов.

Пратениците на ДУИ и Алијанса за Албанците побараа прво да се разгледа точката 6 за ратификација на договорот со Албанија за заеднички гранични премини, при што пратеничката Рина Ајдари реагираше за прескокнувањето на таа точка пред законот за јавни набавки.