Повеќе од тон и поl пластика се собра од акцијата „Овошно дрвце за пластични шишиња“, што ја реализираше Општина Босилово во сите населени места. Беа поделени 1.200 дрвца сливи, круши, праски и цреши на исто толку домаќинства кои донесоа по минимум 30 пластични шишиња од своите домови. Ова е втора по ред акција која има за цел да ги поттикне граѓаните за селекција на отпад, но и да се засадат овошки во дворните места во интерес на поздрава и почиста животна средина, објави СДК.

„Ова е втора по ред година како ја организираме ова акција бидејќи постои интерес кај граѓаните. Собравме околу 16 тракторски приколки со пластичен отпад кој се рециклира и може да добие нова употребна вредност, а за возврат поделивме повеќе видови овошни садници. Парите за ова акција се од ставката за новогодишен репрезентативен матријал во висина од 150 илјади денари. Место да печатевме календари, нотеси, пенкала и друг промотивен матријал се одлучивме да ги насочиме парите за садници за граѓаните“, вели градоначалникот на Босилово Ристо Манчев.

За неполн час беа распределени овошните садници. Граѓаните со вреќи пластични шишиња доаѓаа на предвидените пунктови со намера да добијат овошно дрвце.

„Наместо шишињата да завршат на некоја дива депонија и околните ниви, што е честа слика, тие ќе завршат за рециклирање. Освен од домот пластичните шишиња ги собрав и од каналите, а за возврат добив круша“, вели Заре Стојановски од Босилово.

Општина Босилово во дел од населените места има поставени контејнери за складирање пластика, стакло, а за наредниот период размислува и набавка на посебни садови за селекција на плaстиката.