На Светскиот ден на Брајовата азбука, градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска донираше 46 книги на Брајово писмо за учениците во училиштето за слепи и слабовидни ДУРМДОВ „Димитар Влахов” кое се наоѓа во оваа општина. Донацијата опфати лектирни изданија кои, првпат во земјава, содржат и илустрации.
Како што соопшти Општина Кисела Вода, во библиотеката на ова училиште речиси и да немаше вакви книги чиј процес на изработка е специфичен и скап, а ретко можат да се најдат и во слободна продажба.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека го реализира она што го ветил на предновогодишната средба во училиштето – дека учениците ќе ја имаат неговата поддршка.
-Се информирав дека во библиотеката на ДУРМДОВ „Димитар Влахов” речиси и нема книги на Брајово писмо преку кои учениците би имале достапност до насловите кои ги читаат нивните врсници. Токму затоа, донацијата за која сме денеска тука, се состои од 46 книги напишани на Брајово писмо. Овие книги се работат на посебна хартија, со специјални печатачи и како такви се исклучително скапи и родителите на слепите ученици не можат да си ги дозволат. За волја на вистината, ги нема ни во слободна продажба. Од денеска тие ќе им бидат достапни во библиотеката на училиштето. Посебно сакам да нагласам дека првпат во Македонија испечативме книги кои се со илустрации, со што децата ќе го имаат истото доживување при читањето како и нивните врсници кои немаат оштетен вид, изјави Ѓорѓиевски.
Конкретно, се работи за насловите: „Гоце Делчев“ од Ванчо Николески, „Песни“ од Миладинов, Автобиографијата на Григор Прчличев и „Малиот принц“ од Антоан де Сент Егзипери.
На предавањето на донацијата, како што информира Општина Кисела Вода, присуствуваа и претседателот на Советот на Општината, Иван Живковски, претседателот на Националниот сојуз на слепи, Жарко Селковски, претседателката на скопскиот огранок на ова здружение, Надица Николовска, како и уредникот и сопственикот на издавачкиот центар „Алдебаран”, Мите Стефоски и Мирослав Размоски.
Ѓорѓиевски се заблагодари на издавачкиот центар „Алдебаран” кој, како што рече, интензивно работеше за да може навреме да ја обезбедат оваа донација токму денеска, на Светскиот ден на Брајовото писмо.
-Се надевам дека на овој начин, преку кампањата која Општина Кисела Вода ја спроведува под слоганот „Различни, а исти”, даваме свој удел во подигнувањето на свесноста за важноста на комуникацијата, како човеково право на слепите и лицата со намален вид. Се надевам дека ќе успееме да им ги прошириме видиците, додаде градоначалникот на Кисела Вода кој соопшти и дека во таа насока податоците на неговите визит-картички ќе бидат напишани и на Брајова азбука.