Едногласна одлука за пренамена на средствата во буџетот донесе Советот на Општината на денешната вонредна седница, на која беше формирана и стручна комисија за проценка на штетите од огнената стихија.

– Со оглед на итноста на одлуката, ги зголемуваме средствата определени со програмата на Советот за постојани резерви, при што се прави привремено намалување во делот наменет за уредување на градежното земјиште. Се работи за првично надоместување на штетите што ќе ги утврди комисијата за проценка, а ќе се бара дополнителна финансиска помош од државниот буџет, истакна Александар Јосифов, секретар на Општина Кочани.

Од пожарот во западниот дел на Кочани настрадаа куќи и помошни објекти во Белско Маало, како и штали со крупен добиток и живина, во кои настрада дел од добитокот.