Повик до посетителите на плажите на Халкидики
Општина Касандра, на првиот крак на Халкидики, преку соопштение на англиски, грчки и македонски јазик ги повика граѓаните и посетителите да ги отстранат незаконски поставените предмети од плажите.
Станува збор за чадори, лежалки и друга придружна опрема поставена или заклучена на јавен простор на крајбрежјето без законско право. Од општината предупредуваат дека, доколку предметите не бидат отстранети, тие ќе бидат тргнати и ќе се третираат како отпад.
Рок од 24 часа за отстранување
Во објавеното „Известување за отстранување“, Општина Касандра ги повика посетителите најдоцна во рок од 24 часа да ги соберат своите предмети од плажите.
Од општината наведуваат дека ваквата опрема го ограничува слободното користење на јавниот простор од страна на граѓаните и посетителите.
Повикот се темели на одредбите од Законот 5092/2024 за заштита на јавниот карактер на крајбрежјето и плажите.
Предметите нема да се чуваат ниту враќаат
По истекот на рокот, Општина Касандра може да пристапи кон отстранување и собирање на предметите, без дополнително известување, со цел повторно да се обезбеди слободно користење на јавниот простор.
Од општината појаснуваат дека отстранетите предмети ќе се сметаат за напуштени на јавен простор и ќе се третираат како отпад, согласно важечкото законодавство и правилникот за чистота. Истите нема да се чуваат и нема да им бидат вратени на сопствениците.
И минатата година, во текот на летната сезона, Општина Касандра спроведуваше најавени и ненајавени акции на повеќе локации на првиот крак на Халкидики за отстранување нелегално поставени чадори, столици, лежалки и слична опрема, со цел заштита на плажите, животната средина и обезбедување слободен пристап за сите.
