Општина Штип е првата општина која преку општински обврзници ќе се обиде да обезбеди четири милиони евра, објави Комисијата за хартии од вредност.

Комисијата за хартии од вредност донесе решение со кое на Општина Штип ѝ даде одобрение за издавање на долгорочни должнички хартии од вредност по пат на јавна понуда. Ова е прва емисија на општински обврзници на домашниот пазар на капитал, со која се збогатува понудата на финансиски инструменти кај нас, се вели во соопштението од КХВ.

Општина Штип ќе издаде 8.000 општински обврзници со поединечна номинална вредност од 500 евра и вкупна номинална вредност од 4.000.000 евра. Рокот на доспевање на издадените обврзници е седум години од денот на регистрирање на обврзниците во Централниот депозитар. Општинските обврзници се со фиксна годишна каматна стапка во износ од 4,75 отсто. Главницата ќе се исплати во целосен износ заедно со последната камата, односно по истекот на седум години од датумот на регистрирањето на обврзниците.

Купувачи можат да бидат домашни и странски физички и правни лица.

Емисијата се врши заради прибирање на средства за финансирање на повеќе инфраструктурни и капитални проекти на општината.

Запишување и уплата на понудените општински обврзници ќе започне откако во сила ќе влезе Одлуката на Владата на Република Македонија, со која се одобрува максималниот износ на новото задолжување на издавачот, се вели во соопштението од КХВ.