Јавни повици за архивирање и промоција на историјата и традицијата
Општина Свети Николе објави два јавни повика за граѓаните кои сакаат да учествуваат во собирање и архивирање на културното и историското наследство, како и за унапредување на туристичкиот развој на општината.
Првиот повик се однесува на доставување информации за настани, манифестации, јубилеи и истакнати личности кои оставиле трага во културниот, традиционалниот, верскиот и општествениот живот на општината. Вториот повик е наменет за фотографии и документи кои ја прикажуваат историјата, природните убавини и традиционалните вредности на Свети Николе.
„Општина Свети Николе објавува јавен повик за доставување фотографии од старо Свети Николе, со цел нивно прибирање и архивирање, како и за нивна употреба во изложби, публикации и дигитални содржини. Целта е да се долови уникатноста на општината, да се зачуваат сеќавањата за историски личности, значајни објекти, пејзажи, панорами, манифестации и други важни моменти“, велат од општината.
Фотографиите можат да се достават електронски или директно во просториите на Општина Свети Николе, каде граѓаните ќе добијат помош при пополнувањето на формуларот. Со овој повик, општината сака да ги собере расфрланите материјали од семејните албуми, личните архиви и социјалните мрежи, за да создаде централизирана архива која ќе служи за идните генерации.
