Тетовскиот градоначалник Билал Касами денеска оствари средба со раковдство на хрватска компанија со цел градот да почне да ги користи таканаречените паметни (Smart) технологии во неколку процеси во управување на Тетово и посеопфатно информирање на граѓаните за општинските проекти, информираат од тетовската локална самоуправа.

–Градоначалникот Билал Касами оствари средба со директорот на компанијата „Версо Алтима”, Марио Геренчир од Хрватска, а тема беше имплементацијата на смарт технологии и нови модерни платформи за „Паметен град” (Smart City). Директорот на оваа компанија ги презентираше платформите со кои располага за да им помогне на граѓаните на Тетово но и на општината во менаџирањето и давање на точни, навремени и транспарентни информации за тоа што е сработеното во Тетово, информираат од прес-службата на Општина Тетово.

Од општината посочуваат дека со имплементацијата на оваа платформа ќе се овозможи соработка меѓу граѓаните и општината. Потенцираат дека со овие проекти ќе се овозможи намалување на трошоците и одржување на јавното осветлување, паркинзите, како и можен мониторинг на водата и водата за пиење.