„Ора њуз“ јавува: Функционери од ДУИ и СДСМ саботирале акција за спречување на шверц со наркотици

Македонија 10.01.2023. 17:14

„Аудио снимките што го загрижија Трајче Заев: Не ја издавајте книгата!“ гласи насловот на прилогот кој синоќа го објави албанската телевизија „Орањуз“, а во кој пишува дека лице кое ќе биде заштитено од правдата поседува неколку аудио снимки кои покажуваат дека високи функционери во Македонија директно интервенирале за да ја направат неуспешна опреацијата за битка против шверц со наркотоци преземена од странски агенции. Од телевизијата објавија дека на тие снимки има имиња од коалицијата на СДСМ и ДУИ, но и познати имиња на „сините униформи“. Човекот кој ги има овие аудио материјали, како што стои во објавата, првично за ситуацијата го известило Трајче Заев, кој откако ја преслушал снимката наводно одговорил со кодирана порака која гласела.

„Мислам дека би била многу позната книга кога би била објавена. Според мене, оваа книга треба да има што помала публика, но секако дека зависи од вас. Ајде да договориме уште една средба, следната недела“.

Во објавата на „ОраЊуз“ нема повеќе деталу околу напишаното, ниту за тоа за која странска акција станува збор…

Но, името на Трајче Заев, кој е братучед на порашениот премиер Зоран Заев во јавноста се споменуваше во акцијата на МВР со американската ДЕА од април 2021 година на Плетвар во која беа запленети двесте килограми марихуана во вредност од 800 илјади евра, која требало да заврши во Грција. Во оваа акција приведени беа шест луѓе, меѓу кои Александар Ушилковски за кого ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека бил личен возач на Трајче Заев, кој пак тогаш категорично ги отфрли обвинувањата и кажа дека ниту споменатото комбе од акцијата, ниту некој од уапсените е вработен во неговите фирми.

По сторијата на Ора Њуз, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, напиша дека сега се потврдуваат информациите кои ги објавувал пред неполни две години и побара одговорност.

Во случајот, петмина од уапсените се спогодија со Обвинителството за казни од 3,5 до 5 години затвор, а единствено судски процес имало за полицискиот командир од Прилеп Кире Спиркоски Чипсио, кој бил осуден на 4,5 години, но остана нејасно од каде потекнувала марихуаната и кој бил нарачател.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оваа акција ја споменува како една од успешните на МВР, а денеска на Фејсбук објави дека претходната 2022 година биле запленети над 2,4 тони дрога, во вредност од 6 милиони евра на црниот пазар, сузбиени биле 12 организирани криминални групи составени од 51 член, а запленети биле и 20 тони најразлични прекурсори.

 

 


Подкаст

Подкаст