Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати остри пораки до украинскиот претседател Володимир Зеленски во пресрет на самитот во Брисел. Преку социјалната мрежа „Икс“ порача дека проширувањето на Европската Унија го одредуваат земјите членки, а не државите кандидати.
Реакцијата следува откако Зеленски побара Украина да биде технички подготвена за членство до 2027 година и да добие јасен рок за приклучување. Орбан нагласи дека пристапниот процес се темели на исполнување критериуми, а не на политички притисоци.
Според него, евентуалното зачленување на Украина носи безбедносни ризици и може дополнително да ја вовлече Унијата во војната. Будимпешта останува на ставот дека нема да поддржи финансирање и вооружување на Киев со европски средства.
Орбан повтори дека приоритет треба да бидат интересите на граѓаните на ЕУ. Решението, како што наведе, го гледа во итен мир, оценувајќи дека војната ја оптоварува европската економија и ги троши ресурсите на земјите членки.
