Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави денеска дека војната претставува голем ризик за Унгарија, бидејќи, како што рече, „за разлика од САД, Европејците одлучија да ја поддржат војната и ќе ѝ обезбедат на Украина сè што ѝ е потребно за водење војна“.
– Порано или подоцна ќе испратат војници. Постојат писмени договори меѓу Франција и Велика Британија. Кога трупите ќе бидат испратени во Украина, војници ќе заминат и од Унгарија, особено ако земјата има влада која не може да каже ‘не’ во Брисел“, изјави Орбан.
Тој оцени дека за избегнување на вклучување во војната е потребна „памет“, додавајќи дека лидерите мора да бидат паметни, лукави и искусни.
– Можам да ја задржам Унгарија надвор од војна, за разлика од Иштван Тиса или Миклош Хорти, рече Орбан, алудирајќи на поранешни унгарски државници од периодот пред Втората светска војна.
Орбан изјави дека се спротивставува на „бриселската илузија“ дека војната нема да ја чини Европа ништо, бидејќи, според таа логика, Русија ќе плати репарации и ќе биде „плен“.
– Ако Унгарија влезе во војна, тоа би нè чинело нас, нашите деца и внуци во следните 10 до 20 години, затоа мораме да кажеме ‘не’, рече Орбан.
Тој додаде дека Унгарија не мора да зазема страна ниту со Украина, ниту со Русија.
– Јас стојам на страната на Унгарија. Имаме сопствени цели и национални интереси. Ќе купуваме гас и нафта од Русија и ќе тежнееме кон добрососедски односи со Украина по завршувањето на војната, изјави Орбан.
Според него, Унгарија не би можела да го задржи системот на ограничување на цените на комуналните услуги без евтина руска енергија, додавајќи дека прекинот на снабдувањето со руски гас и нафта би довел до повеќекратно зголемување на цените во споредба со соседните земји.
– Украина бара 800 милијарди евра за управување со државата во следните 10 години и уште 700 милијарди за воени цели. Таа сума би го финансирала унгарскиот пензиски фонд.
