Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, денеска остро се изрази за украинскиот претседател Володимир Зеленски, нарекувајќи го „комичар“ и алудирајќи дека тој не е вистински политички лидер, туку „нов вид политичар-инфлуенсер, актер или комичар“.
Во интервју за Јутјуб каналот „Патриота“, Орбан изјави:
– Претходното искуство на Зеленски во комедијата и глумата не му помогнало во она што сега мора да го прави, особено не среде војна.
Унгарскиот премиер рече дека украинскиот претседател „глуми претседател“, и додаде дека не успеале да воспостават подлабока комуникација:
– Не успеавме да разговараме во подлабок контекст.
Орбан посочи дека неговите дипломатски посети во изминатата година, вклучувајќи ги Украина, Русија, Кина и САД, имале за цел создавање мировна иницијатива.
– Во Киев бев одбиен, изјави Орбан, додавајќи дека неговиот обид за посредување во конфликтот не бил прифатен од страна на украинските власти.