Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изрази пофални зборови за поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, изјавувајќи дека таа, доколку се уште беше канцеларка, ќе можеше да ја спречи руската војна во Украина, пренесе ДПА.
На настан во Берлин, Орбан кажа дека Меркел, со нејзините постапки, во 2014 година ја спречила војна по руската анексија на Крим.
-Тоа што Ангела Меркел го направи во време на кризата на Крим беше ремек дело, рече тој, пренесе германската агенција.
Десничарот Орбан, кој има многу критичари во германската Влада на левиот центар, вклучително и заради неговиот став кон ЕУ, пред два дена се сретна со Меркел за време на неговата посета на Берлин.
Засега не е познато за што двајцата разговарале.
На истиот настан, организиран од списанието за политика и култура „Цицеро“, Орбан кажа и дека американскиот претседател Џо Бајден не е вистинската личност да ги прекине борбите во Украина.
Тоа што беше потребно, рече тој, е договор меѓу САД и Русија. Но, Бајден отиде предалеку критикувајќи го претседателот Владимир Путин, тврди Орбан.
-Можеби звучи грубо, но надежта за мир се нарекува Доналд Трамп, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан од Берлин, пренесе ДПА.