Европската комисија бара дозвола за Прајдот, Орбан реагира со критика

Унгарскиот премиер Виктор Орбан повторно влезе во судир со Европската комисија, откако нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен јавно ја повика унгарската влада да го овозможи одржувањето на Парадата на гордоста во Будимпешта, закажана за викендов.

  • „Парадата на гордоста во унгарската престолнина мора да се одржи без страв од кривично или административно гонење на организаторите или учесниците. Им порачувам на ЛГБТИК+ заедницата во Унгарија и насекаде во светот дека секогаш ќе бидам нејзин сојузник“, напиша Фон дер Лајен на платформата Икс.

Орбан: ЕК нема право да се меша во внатрешните работи

Во одговор на изјавата, Орбан остро реагираше, велејќи дека Европската комисија „нема никаква улога“ во спроведувањето на законите во земјите-членки, алудирајќи дека барањето на Фон дер Лајен е надвор од нејзините ингеренции.

  • „Наместо да се меша во внатрешни прашања, Комисијата треба да се фокусира на горливите проблеми со кои се соочува ЕУ – како што се енергетската криза и падот на конкурентноста – во кои таа има директна одговорност и направила сериозни грешки“, изјави Орбан.

Забрана од полицијата, поддршка од градоначалникот

Според унгарската влада, полицијата формално ја забранила поворката, но либералниот градоначалник на Будимпешта Гергели Карачони ја поддржа иницијативата и најави дека настанот ќе се одржи, бидејќи се работи за „локален собир кој не бара дозвола од централната власт“.

Во меѓувреме, унгарскиот министер за правда Бенс Тусон испрати писмо до амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, со кое ги повикува да не учествуваат на Парадата. Во писмото, во кое увид имаа француските медиуми, тој напиша:

  • „Правната ситуација е јасна, на Парадата на гордоста е забрането собирање“.

Европратеници најавуваат присуство

И покрај забраната, бројни европратеници објавија дека ќе дојдат во Будимпешта и ќе земат учество на парадата. Според организаторите, оваа година се очекува рекорден број учесници, што ја прави поворката уште посимболична во контекст на зголемените притисоци од државата.

Орбан, во обид да ја спречи парадата, директно им се обрати на организаторите:

  • „Не се мачете со подготовки годинава. Тоа е губење време и пари“, изјави премиерот, кој претходно гласаше за законски измени насочени кон забрана на Прајдот во име на ‘заштита на децата’.

Властите побараа поворката да се одржи на затворено место, како што е стадион или хиподром, подалеку од погледот на малолетници.