Унгарскиот премиер Виктор Орбан побара од Европската комисија да ги исплати сите средства од ЕУ фондовите доделени на неговата земја, вклучително и кредитот во рамки на инструментот за заздравување, со цел да ја помогне Унгарија во справувањето со украинската бегалска криза, изјави портпарол на унгарскиот премиер.

Според копија од писмото од 18 март испратено до претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лејен и испратено до Ројтерс по електронска пошта, Орбан рече дека Унгарија сака да го искористи заемот за одбрана, гранична контрола и хуманитарни и други задачи за акутно управување со кризи.
ЕК не ги одобри полскиот и унгарскиот план за заздравување од пандемијата, тврдејќи дека двете земји се уште не ги исполниле препораките во однос на владеењето на правото.

Извршното тело на ЕУ е во судир со двете националистички влади во серија прашања, вклучително слободата на медиумитеи правата на ЛГБТ заедницата. Фон дер Лајен минатата година изјави дека Унгарија мора да направи повеќе во борбата против корупцијата.

Орбан, кој се подготвува за парламентарните избори на 3 април, чиј исход е неизвесен, рече дека Унгарија примила повеќе од 450.000 бегалци од Украина и нагласи дека „споделената одговорност“ на земјите-членки е клучна во кризата.

„За таа цел, Унгарија бара само директен и ефективен пристап до фондовите на ЕУ доделени за неа и да може да ги користи на флексибилен начин за најсоодветните цели за справување со кризата“, напиша Орбан во писмото.

Унгарија минатата година одби да ги искористи кредитите во вредност од околу девет милијарди евра во рамки на ЕУ инструментот за заздравување и отпорност, но според писмото на Орбан, унгарската влада сега ги променила својот став. Унгарија „бара итно обезбедување на доделениот кредит“ во рамки на овој инструмет.