Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, преку објава на Фејсбук најави дека неговата општина ја напушта Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), изразувајќи револт поради односот на Владата кон општината. Истовремено, градоначалникот на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски, најави дека размислува за напуштање на ЗЕЛС, наведувајќи дека одредени министри од владејачката партија го попречуваат развојот на општината.
Ѓоргиевски: Напуштањето на ЗЕЛС е несериозен потег
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓоргиевски, реагираше на најавите за напуштање на ЗЕЛС, итакнувајќи дека ваквите потези се несериозни. Тој ги повика градоначалниците да ги преиспитаат своите одлуки и да ги решат проблемите преку дијалог, додавајќи дека досега не добиле официјална информација за обструкциите на кои се жалат Костадинов и Јакимовски.
-
„Досега одговорно тврдам дека не сме биле информирани за никаков проблем од нивна страна. Политиката никогаш не сме дозволиле да се меша во нашето делување. Вратата е секогаш отворена за дијалог, не само со мене, туку и со целиот Управен одбор на ЗЕЛС за решавање на сите нивни проблеми,“ изјави Ѓоргиевски.
Костадинов: Напуштањето на ЗЕЛС е во знак на револт
Градоначалникот на Струмица, Костадинов, во својата Фејсбук објава посочи дека одлуката за напуштање на ЗЕЛС е резултат на незадоволството од односот на Владата кон општината, особено во врска со последнат ситуација со забраната за пиење вода поради откриени бактерии. Според него, водата била безбедна, но и покрај тоа, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) одлучила да ја продолжи забраната за пиење.
-
„Општина Струмица од денеска се откажува од членството во ЗЕЛС поради индиферентниот однос кон граѓаните во еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме – водата за пиење. Оваа одлука е и поради отфрлањето на проектот од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит,“ напиша Костадинов.
Јакимовски: Карпош е под притисок од министри
Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, засега нема донесено конечна одлука за напуштање на ЗЕЛС, но изрази незадоволство од начинот на кој општината е третирана од одредени министри. Тој обвини дека општината е под притисок и дека нејзините проекти се блокираат од страна на централната власт.
-
„Не само што не ги поддржуваат нашите програми за работа, туку и кога ќе ги изгласаме, ги обжалуваат и вршат притисок врз Инспекторатот да донесе одлука по нивна волја,“ изјави Јакимовски.
Перински: Напуштањето на ЗЕЛС ја нарушува позицијата на заедницата
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, реагираше на најавите за напуштање на ЗЕЛС, истакнувајќи дека таквиот потег е е решение и дека сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС. Според него, само обединет ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата во решавањето на локалните проблеми.
-
„Само единствен ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата. Излегувањето на поединечни општини од заедницата ќе ја ослаби нејзината позиција и нема да доведе до решавање на проблемите,“ рече Перински.