Обвинение за сурово постапување со животни
Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против четворица лица – грчки и косовски државјанин и двајца македонски соизвршители – поради кривично дело „Убивање и мачење животни“ согласно член 233 став 3 од Кривичниот законик. Случајот се однесува на организирање борба меѓу кучиња, која се одвила на 1 ноември во селото Црнеец, во близина на Стрежево.
Организирана борба со кучиња
Првообвинетиот организирал борба меѓу куче од расата „пит бул“, сопственост на грчки државјанин, и куче од расата „американски стафорд“, сопственост на косовски државјанин. Борбата се одржала во дворот на второобвинетиот, каде бил подготвен ринг, а настанот го следеле лица од Косово, Грција и Македонија. При полицискиот упад биле пронајдени пари во евра и денари, наменети за обложување.
Повредено куче и докази за повторени борби
Кучето „пит бул“ се здобило со тешки повреди на главата и телото, со знаци на трауматски шок. Во рингот биле пронајдени траги кои укажуваат дека вакви борби се одржувале и претходно, како и лекови за прва помош на повредени животни. Обвинителството предложи продолжување на мерката куќен притвор за двајцата македонски државјани, додека за странските осомничени кои се во бегство е најавено судење во отсуство доколку не бидат обезбедени до почетокот на постапката.
