Полициска акција во битолското село Црнеец заврши со апсење на девет лица од Македонија и Косово, кои биле затекнати додека организирале нелегални борби со кучиња. Според информациите од СВР Битола, против нив ќе биде поднесена кривична пријава за „мачење животни“.
Апсените се четворица државјани на Косово на возраст од 49, 43, 48 и 53 години, четворица жители на Битола на возраст од 51, 41, 43 и 43 години, и еден 59-годишен маж од Штип.
Од секторот за односи со јавност на СВР Битола за МИА потврдија дека групата била откриена во дворно место на едно лице во селото, каде што во тек била нелегална борба со кучиња.
„Во текот на акцијата, спроведена синоќа околу 23 часот, полициските службеници пронајдоа едно повредено куче и предмети кои потекнуваат од извршеното кривично дело. По целосно расчистување и документирање на случајот, против лицата ќе биде поднесена пријава за ‘мачење животни’“, соопштија од СВР Битола.