Половина од годинаштата реколта на ориз остана во полето. Во атарите на некои Кочански села се уште комбајните не се влегле во нивите. Жетвата се пролонгира поради неповолните временски услови, но и поради тоа што сеидбата каснеше, зашто, како што тврдат земјоделците, доцна била пуштена водата од ХС „Калиманци“ во каналите за наводнување. Оние кои што успеале да го соберат родот, велат дека со актуелната цена, ќе одат во загуба.

-Јас вчера отидов да прашам за цената на оризот, однесов мустра, ми рекоа 16 денари. Што ќе направам со 16 денари? Јас немам многу, но има луѓе што имаат и по 100 декари. Имам еден братучед од лани му стојат 400 вреќи и сега уште 400, тоа се 800 вреќи. Со 16 денари, за греота сме -изјави за Сител жител на с.Облешево.

Со нерентабилна откупна цена, зголемени трошоци и без млади луѓе кои што ќе работат, оризопроизводството е пред целосен колапс.

Единствениот спас од безизлезната ситуација оризарите го гледаат во исплата на субвенциите до Нова Година и дополнителни 3 денари за предаден килограм арпа.