Поранешната пратеничка Силвана Бонева која беше осомничена за случајот „Друмарина“ за измама во службата доби ослободителна пресуда.

Основниот кривичен суд Скопје денеска соопшти дека Бонева е ослободена од обвинение.

– Основниот кривичен суд Скопје, денеска ( 16.02.2024 год. ) на јавна расправа, ја објави пресудата за кривичниот предмет со К.бр. 2799/20, во јавноста познат како „Друмарина“, против обвинетата С.Б. за кривичното дело Измама во службата од чл. 355 ст. 3 вв ст.1 вв чл. 45 од КЗ со која обвинетата ја ослободи од обвинение. Според првостепената, неправосилна, пресуда судот утврди дека Јавниот обвинител, надвор од разумно сомнение, не го докажа делото кое и се става на товар на обвинетата, а во однос на оштетното побарување на РСМ, застапникот го упати на спор, се наведува во соопштението објавено на веб страницата на Кривичниот суд.

Донесено е и решение со кое се укинува времената мерка – Забрана за отуѓување и ставање под хипотека на недвижен имот на име на обвинетата и нејзиното семејство.

– Против првостепената пресуда и решението, странките имаат право на жалба во рок од 15 дена по прием на пресудата и три дена по прием на решението, преку овој суд до Апелациониот суд Скопје, се вели во соопштението.

Бонева се гонеше дека во периодот од 2011 до 2015 година до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, по што и биле исплатени над 10 илјади евра, иако имала стан во Скопје и не патувала за да присуствува на седници на Собранието.