Министерот за надворешни работи Бујар Османи очекува деновиве да се одржи консултација со претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски и да се донесе одлука дали поранешниот директор на АНБ Виктор Димовски ќе замине на амбасадорското место во Париз, по случајот со државјанството на Олесандр Онишченко.
-Процедурата е до фаза кога треба да помине во Собрание во Комисија за надворешна политика, бидејќи е добиен агреманот, одбранети се тезите и треба да оди во Комисија за надворешна политика. Меѓутоа, како што знаете и претседателот иницираше процес на консултации помеѓу претседателот, премиерот и мене, како министер за надворешни работи, за да ја процениме состојбата после овој развој на настани и после ќе донесеме на одлука. Досега нема донесена одлука по однос на амбасадорот, но верувам наредните денови ќе имаме таква консултација, изјави Османи.
Министерот потенцира дека треба да биде донесена политичка одлука, како и дека нема да се чекаат резултатите од истрагата.
– Сигурно дека резултати од истрагата ќе ни помогнат во нашата одлука, но сепак тука се работи за политичка одлука и за политички консултации, изјави на средбата со новинарите Османи.
Запрашан за случајот со поништувањето на пресудите на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, Османи вели дека не сака да прејудицира за одлуката на Судот, но дека смета оти треба да има објаснување зошто се случило тоа. Судовите, вели Османи, треба да бидат потранспарентни.
-Доколку нема сериозна аргументација Апелација да објасни пред ЕК за одлуката верувајте ќе бидат именувани и засрамени, но можеби имаат аргументи и затоа и јас не сакам да прејудицирам кои биле тие прекршувања во првостепена процедура бидејќи сепак ние треба и човековите права да ги почитуваме. Тоа е важен дел во нашето европеизирање, изјави Османи.
Министерот за надворешни работи предупредува дека фокусот на ЕК во следната година ќе биде поостар бидејќи оваа година „бевме ранливи“.
-Институциите треба да бидат спремни. Медениот месец помина, дека ќе има сериозна проценка и секој посебно ќе даде одговор за својата институција, рече Османи.