Како што соопшти МНР, во фокус на разговорите на средбата меѓу Османи и Мас беа подготовките пред Самитот на ЕУ – Западен Балкан во Брдо кај Крањ, надминувањето на разликите со Бугарија, како и најновите внатрешно – политички состојби во нашата земја.
-Факт е дека Берлин е најсилен предводник за европската перспектива и на Северна Македонија, како и на целиот регион. Имаме важен Самит пред нас и поддршката од партнерите како Германија е неопходна, прво и за да ги надминеме разликите со Бугарија за да се одблокира процесот, но и да го вратиме европскиот кредибилитет во регионот, спротивставувајќи се со тоа и на скептицизмот во ЕУ, истакна Османи.
Средбата со државниот министер за Европа, Рот, се наведува, беше искористена да се реафирмира германската позиција за нашето европско досие, за актуелностите од регионален аспект, но и да се дискутира за следните чекори и реформи, потребни за деблокирање на проширувањето на ЕУ.
-Балканот, географски не е на европската периферија, а заради тоа не смее да биде ниту на периферијата на политичкото внимание. Нашата дипломатија е таргетирана и посветена на себевложување во градењето добрососедски релации, регионална соработка и реализација на визијата за видлива и достижна европска иднина, нагласи Османи стои во соопштението.