Од аеродромот во Кабул 25 наши државјани треба да заминат со американски воен авион, а се очекува евакуација на уште 50 наши граѓани од Авганистан каде што во изминативе 72 часа безбедносната состојба нагло се влоши, информира министерот за надворешни работи Бујар Османи.

– Од околу 50 граѓани кои утрово беа на аеродрмот во Кабул, половина или 25 се наоѓаат веќе на воениот терминал и се регистрирани за следниот лет со воен авион на американската армија и ќе бидат упатени за Доха, Катар, од каде нивниот пат за враќање дома е неспорен. Останатите околу 25 наши граѓани се упатени на следниот лет и во моментов работиме за нивна регистрација и потоа евакуација директно од аеродромот во Кабул. Располагаме со информација за уште 25 граѓани кои се наоѓаат во американската база во Кабул, која се наоѓа во непосредна близина на аеродромот. Тие се безбедни и во моментов се на листа на чекање за да бидат трансферирани кон аеродромот и потоа евакуирани. Во моментов не располагаме со информација за други наши граѓани во Авганистан и досега немаме ниту еден пријавен државјанин кој се наоѓа во загрозена состојба. Секако продолжуваме и натаму внимателно да ја следиме состојбата во Авганистан, рече Османи.

Уште во саботата, нагласи Османи, во МНР е формирана работна група која работи на евакуација на наши државјани кои се работно ангажирани во Авганистан, и се користат повеќе опции за асистенција на нашите граѓани затекнати во земјата. Воспоставен е контакт со комопаниите од кои се работно ангажирани, испратени се формални барања до сите земји кои имаат присуство во Авганистан за нивна асистенција при евентуални летови за евакуација, за што од голем број земји, вели, е потврдно одговорено дека ќе бидат земени предвид нашите барања. Османи рече дека воспоставил и директни контакти со колегите од Турција, Катар, како и со САД со цел да имаат алетрантивни опции доколку овие првични планови евентуално можат да се соочат со потешкотии, бидејќи ситуацијата се менува од час во час.

-Во моментов ова е тој план, кој за сега е функционален, до колку се појават потешкотии ќе ги активираме алтернативните планови за кои разговаравме со нашите партнери, рече Османи.

На новинарско прашање тој појасни дека бројката во однос на тоа колку наши граѓани има таму во моментов беше непрецизна, бидејќи дел од нив ја искористиле можноста пред да се влоши состојбата со постојните комерцијални летови да заминат за Доха. Посочи дека немаат податоци за други граѓани на двата телефонски броеви за пријавување кои беа отворени ниту повици за помош од страна на граѓани.

Запрашан за хуманитарно згрижување на авганистански цивили кои работеле во мисиите во Авганистан, шефот на дипломатијата подвлече дека Северна Македонија понудила во земјава да бидат сместени авганистанските цивили кои се дел од локалниот персонал на одредени меѓународни агенции и организации во Авганистна. Тие ќе бидат прифатени во земјава, а нивниот статус, рече, ќе се реши врз основа внатрешно правните механзими на државата но се разбира и согласно меѓународното хуманитарно право.

-Не можам да калкулирам со бројки, можам да споменам дека ООН побара шест лица, претежно жени и деца на вработени во Кабул да бидат прифатени во РСМ и тие ќе бидат прифатени и очекуваме да стигнат. И како ќе се појават вакви барања од страна на меѓународните организации согласно соработка со САД и НАТО ќе се направат проценки и ќе се прифатат привремено, рече Османи.

Изминативе 72 часа безбедносната состојба во Авганистан нагло се влоши, и освен воените бази под контрола на САД и НАТО сојузниците меѓу кои и аеродромот во Кабул целата територија со се главниот град во моментот се или под управа на новата талибанска власт или се без соодветна контрола.