Премиерот Димитар Ковачевски ги критикувал бугарските политичари за односот кон Македонија, а не политиката на Бугарија кон нашата земја. Ова му го кажал министерот за надворешни работи, Бујар Османи на неговиот бугарски колега, Иван Кондов, откако било побарано објаснување.

„Тој (Османи – н.з.) се обиде да објасни дека говорот на премиерот де факто бил поврзан со конкретни политичари, а не, во принцип, со политиката на Бугарија. Јас го прашав зошто во таква ситуација е посочена Бугарија, а не конкретниот политичар кон кого се однесувало тоа“, му рекол синоќа Кондов на Османи.

Ковачевски пред шест дена на генералната дебата „Обединети за Европа“ на Самитот на Совет на Европа во Рејкјавик отворано зборуваше за односот на нашиот источен сосед.

-Дискурсот кој се користи од Бугарија кон Северна Македонија за жал е многу сличен на дискурсот кој Руската Федерација го користи кон Украина. Неприфатливо е таквите обвинувања да се злоупотребуваат за политички цели особено во овој клучен период за иднината на Европа, посочи Ковачевски.

Северна Македонија и Албанија, како што кажа македонскиот премиер, заслужуваат да продолжат напред и заедно затоа што кога соседите се движат напред и останатите се движат напред.

На ова претходно реагираше и бугарското МНР. Според нив, секоја споредба со страдањето на украинскиот народ во сегашната неоправдана војна на Русија е цинична и неприфатлива.