Социјалистичката партија на Македонија и во оваа прилика констатира дека министерот за надворешни работи Бујар Османи не престанува со давање изјави кои ги омаловажуваат и навредуваат интелигенцијата, знаењето и памтењето на граѓаните во Македонија.
Министерот Османи во својата елаборација изјави дека потпишувањето на наметнатиот Протокол е нешто најважно и претставува најголем успех во изминатите две години за него лично и за дипломатијата на државата, велат од партијата.
Во продолжение соопштението од СПМ
СПМ цени дека е срамно и крајно потценувачки кон јавноста да се тврди дека најпредвничкиот акт што го сработи МНР и Владата може да се смета за најголемиот успех на државата. Османи не сака да се соочи со реалноста дека најголемиот дел од граѓаните не го поддржуваат тој Протокол, затоа што масово излегувајќи на протести изразија незадоволство и огорченост од оваа постапка на МНР. Тоа беше и сеуште е причина за политичката тензија и внатрешна поделба, со оглед дека Владата свесно ја доведе државата во подредена положба во однос на Бугарија.
Владата и МНР тврдат дека преговорите со ЕУ се започнати, а всушност во недоглед продолжуваат бесрамно да лажат. Преговорите не се отпочнати, условени се со наметната еднострана промена на македонскиот Устав, за што опозицијата со право не прифаќа дополнително национално обесчестување.
Со политички манипулации и со лажни вести Османи настојува да ги омаловажи сите кои се против политиката што ја спроведува и за која се фали дека е најуспешна. Неговата хипокризија е пример како не треба да се креира политиката на државата.
Социјалистичката партија на Македонија повторно истакнува дека власта и покрај противењето на огромниот дел македонски граѓани упорно работи на забрзано спроведување на наметтнатите и прифатени услови и уцени, среднорочно сведени на бугаризација на Македонците. Оттаму народот воопшто не ја прифаќа оваа предавничка власт и политика.
Оценката дали Османи и Владата предводена од лицемерниот Ковачевски се успешни или не треба да ја дадат граѓаните на итни парламентарни избори. Османи и Ковачевски бегаат и не се подготвени да се соочат со народот кој јасно и во лице им кажува дека треба да си одат.
Социјалистичката партија на Македонија цени дека владините отстапувања од националните и државни интереси и кражбите од власта се мултиплицираат во сите сфери на работа и живеење со што народот осиромашува, а државата тоне и е предмет за потсмев во меѓународни релации.
Македонските социјалисти укажуваат на длабоката и сериозна политичка криза во која е втурната Република Македонија, напоменувајќи дека само со нови избори граѓаните ќе ги изберат своите претставници кои се национално определени и кои знаат да ја штитат и развиваат македонската држава.