По повод Денот на независноста на Украина, министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска телефонски разговорал со Дмитро Кулеба, министерот за надворешни работи на Украина.
-Упатувајќи искрени честитки по повод националниот ден, министерот Османи изрази поддршка за борбата на украинскиот народ, која воедно претставува борба за нашите заеднички современи и демократски вредности, како и заштита на меѓународниот поредок, соопшти МНР.
Шефот на македонската дипломатија истакна дека Северна Македонија во овие тешки времиња за украинската и европската безбедност, изразува силна поддршка за Украина и солидарност со украинскиот народ во нивната борба за враќање на мирот и надминување на последиците од руската агресија.
– Украинците, бранејќи ја својата татковина, се борат не само за својата слобода, туку и за слободата на целокупниот демократски свет и споделените европски вредности, истакна Османи.
И во оваа прилика Османи, наведува МНР, ја реафирмираше нашата цврста и бескомпромисна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
-Притоа упатувајќи силна осуда за руската воена инвазија, што претставува грубо кршење на меѓународното право и обид да се поткопаат темелите на европската и глобалната сигурност и стабилност. Во тој контекст, нагласи дека Северна Македонија, како членка на НАТО Алијансата има преземено низа чекори и мерки како одговор на руските воени дејствија, информира Мнистерството за надворешни работи.
Османи и Кулеба, како што е наведено во соопштението, разговарале и за европските перспективи на двете држави, особено од аспект на безбедносните импликации за европскиот континент, но и пошироко, а во контекст на новата геополитичка реалност.