– Никогаш не било пратено барање за добивање агреман за која било држава за именување на Теута Арифи за амбасадор, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Според него, никогаш немало размислување, ниту предлог Теута Арифи да биде амбасадор во Анкара или Вашингтон, за тоа да биде одбиено.
– Никогаш немало формализиран предлог за Теута Арифи. Имало размислување, но никогаш формализиран предлог за да биде пратен во Брисел, рече шефот на дипломатијата Османи на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање за тоа колку е позитивно одговорено од шесте предлози испратени од МНР, односно од Владата, до Кабинетот на претседателот на државата.
Османи уште еднаш повтори дека три дена во медиумите се споменуваат имиња и места, дека се одбиени агремани, а воопшто не бил прашан по однос на тоа и повика да се внимава кога се спомнуваат имиња и побара да се проверуваат таквите информации.
– Мора да внимаваме на прашањето на лажните вести, затоа што на крајот жртви се граѓаните, покрај достоинството на луѓето за кои зборуваме непроверено, рече Османи, додавајќи оти е горд што сме на 57 место на светско ниво во однос слободата на медиумите.
Прашан за вчерашното откривање на споменикот во Слупчане, за кој наводно не биле испочитувани законските процедури, министерот Османи истакна дека тоа не било партиска активност на ДУИ.
– Тоа беше активност на Општина Липково, која според моите информации ги има запазено сите формални процедури за изградба на споменик во Општината – со одлука на Советот, со сите понатамошни одлуки за споменик, што е во рамки на локалната власт и ние бевме поканети како гости од страна на градоначалникот на Општината и не гледам нешто спорно во тој дел, одговори министерот Османи.