Османи го именува Курти за мандатар за нова влада во Косово
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, му додели мандат на Албин Курти за формирање нова влада, со што се создадоа услови за свикување парламентарна седница за избор на извршната власт.
„Во согласност со Уставот на Косово денеска го назначив премиерот Албин Курти како мандатар за составување влада на Република Косово. Му посакувам успех во водењето на новата влада и работата во служба на граѓаните на Република Косово. Му посакувам среќа,“ објави Османи преку Фејсбук.
Се очекува Собранието на Косово вечерва да гласа за избор на третата влада на Курти.
Конституирано Собранието и избрана нова претседателка
Претходно во текот на денот беше конституиран новиот состав на парламентот. За претседателка на десеттиот парламентарен состав беше избрана Албулена Хаџиу. Таа доби 66 гласа „за“, 44 „против“, додека осум пратеници беа воздржани. Со ова таа стана првата жена на оваа функција во косовскиот парламент.
Хаџиу претходно ја извршуваше функцијата министерка за правда. Во текот на денот, заклетва положија и 118 пратеници од десеттиот парламентарен состав.
Распределба на мандати и претходна политичка криза
На парламентарните избори одржани кон крајот на минатата година, Движењето Самоопределување освои 57 пратенички места. Демократската партија на Косово освои 22 места, додека Демократската лига на Косово обезбеди 15 мандати. Алијансата за иднината на Косово доби шест пратенички места.
Преостанатите 20 места во парламентот се резервирани за малцинските заедници. Косовските Срби имаат загарантирани 10 места, додека другите 10 им припаѓаат на етничките Турци, Бошњаци, Роми, Ашкалии, Египќани и Горанци.
Косово влезе во политичка криза по парламентарните избори од 9 февруари 2025 година. Тогаш не беше формирана влада, што доведе до предвремени избори подоцна истата година.
