Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со генералниот секретар на Централно европската иницијатива, Роберто Антонионе во рамките на неговата регионална тура во земјите – членки на оваа иницијатива.
На средбата стана збор за регионалната соработка, за тековните активности на овој најстар регионален форум, кој од самиот почеток на своето формирање се залага и промовира процеси на европска интеграција и придонесува за севкупниот напредок на своите членки.
Османи нагласи дека можностите кои ги нуди Централно европската иницијатива преку нејзиниот Фонд за соработка и различните партнерства со меѓународните организации како и со Европската банка за обнова и развој придонесува за дополнително продлабочување на регионалната соработка и креирање на партнерства меѓу земјите преку бројните проекти финансирани од фондовите на оваа иницијатива.
Соговорниците се осврнаа и на тековните прашања поврзани со европската интеграција на земјите од Западен Балкан, како и на моменталната ситуација во Украина, при што Османи ја поздрави одлуката на Централно европската иницијатива да додели определена сума на средства од буџетот на Иницијативата и Фондот за соработка како хуманитарна помош за потребите на Украина.