Министерот за надворешни работи Бујар Османи се сретна со новоименуваната амбасадорка на САД, Анџела Прајс Агелер по повод предавањето на копиите од акредитивните писма. Како што соопшти МНР, министерот Османи изразил уверување дека амбасадорката Агелер со нејзиното искуство ќе придонесе кон понатамошно продлабочување на билатералните односи и зајакнување на соработката.

-Во билатерален контекст, соговорниците го поздравија развојот на севкупните односи, засновани на традиционално пријателство и споделени демократски вредности. Османи ги нагласи првичните резултати кои произлегуваат од Стратешкиот дијалог со САД, како ново поглавје во односите и надградба на стратешкото партнерство, како и посветеноста за дефинирање на идните активности кои имаат за цел понаташно поттикнување на рефомските процеси и демократски развој на државата, се наведува во соопштението.

Османи се заблагодарил за континуираната американска помош на нашиот евроинтегративен процес, како значаен влог во зачувување на стабилноста и целокупниот регионален напредок.

На средбата станало збор и за силното сојузништво меѓу двете земји во рамки на НАТО Алијансата, со посебен акцент на руската воена агресија во Украина, како и за идното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.