Не е точна информацијата дека бугарската Влада покажала интерес да биде дел од работната група, ниту тоа може да се случи, изјави за Сител шефот на дипломатијата Османи, демантирајки дека за такво нешто разговарал со колегата Милков.
Демантот следи по изјавата на министерот Милков пред бугарските медиуми дека за таа можност имал телефонски разговор со Османи, при што бугарската страна понудила учество и консултации во процесот.
За македонските експерти понудата на Софија е навредлива и без основа во преговарачката рамка која е договорена.
Засега ниту една партија не пријавила свој претставник во работната група за уставните измени. Покана добија сите парламентарни партии, а тие ке треба да номинираат свој претставник најдоцна до понеделник.
Од кабинетот на шефот на државата Пендаровски, кој исто така ќе има свој делегат, велат дека неговиот претставник ќе биде овластен за ангажман за уставните измени кои се поврзани со преговарачката рамка со ЕУ.
Министерството за правда се уште ги нема дефинирано ни сите експерти по уставно право што ќе бидат ангажирани во работното тело.