Португалскиот предлог е креативно решение коешто ги адресира сензитивностите на сите три страни. Нашата позиција, бугарската и на земјите членки, бидејќи очигледно и земјите членки имаат став по однос на тоа каков ќе биде преговарачкиот процес. Тоа што ќе се постави како модел со нас, утре ќе направи преседан и за другите земји-кандидати и земји во регионот. Тоа може да отвори големи проблеми имајќи предвид колку билатерални прашања има во регионот и оттука е интересот на земјите-членки, можеби не само заради нас, туку и заради самиот процес, да го заштитат, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Патоказот е за нас прифатливо решение кое што ќе ја создаде таа предвидливост. Сме го разговарале тој акциски план во неколку наврати во делот на секторската соработка, меѓутоа мислам дека е повеќе обврска на земјите-членки да кажат каде ќе биде ставен тој патоказ и дали ќе го заштитат европскиот процес како таков, отколку што е само наша обврска. Така што тој дел од бремето мислам дека паѓа на земјите-членки, а наше е да работиме тој акциски план да се дефинира што побрзо, рече Османи.
Тој наведе дека има две недели до можност за успешно финализирање на овој процес.
– Советот за општи работи е на 22 јуни, меѓутоа имајте предвид дека подготвителните состаноци почннуваат неколку дена порано. Така што тоа го скратува уште повеќе прозорец на можности за изнаоѓање на решенија. Без да бидам прецизен во датуми јас очекувам во наредните денови да има таква средба и на ниво на премиери и на ниво на министри со цел да се договори една динамика да може да се адресираат прашањата коишто ја засегаат бугарската страна, а се во рамки и на предлогот на Португалското претседателство, посочи Османи.
Министерот за надворешни работи истакна дека останува на ставот дека во јуни ќе биде клучно, независно што, како што рече, не сакам да ги подигнам очекувањата на граѓаните.
– Тоа е комплексен процес којшто не зависи веќе од нас. Нашето е до исполнување на критериумите. Критериумите се исполнети сега очигледно процесот зависи од многу динамики во земјите членки, но нашиот ментален пристап, нашиот работен пристап е да работиме за јуни како да е единствена шанса за изнаоѓање на решение, иако имам лично чувство дека во наредните две години, јуни е најдобрата шанса. Овие две недели ќе имаме контакти на политичко ниво, потоа на дипломатско ниво, да се обидеме да ги адресираме прашањата коишто се појавија како пречка во овој период, образложи Османи.