Оптимист сум дека со формирањето на новата влада во Софија ќе започне и новото поглавје во односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за француската телевизија „Франс 24“

– Од моето искуство, она што беше штетно за нашите односи со Бугарија и за нашата европска перспектива е овој бесконечен изборен процес во Бугарија и немањето политичка влада како соговорник за да се воспостави доверба и комуникација и да одиме напред, вели Османи во интервјуто во врска со македонско-бугарските односи и очекувањето за продолжување на дијалогот помеѓу двете земји.

Зборувајќи за процесот на уставните измени, Османи рече дека македонското општество станало претпазливо затоа што прави отстапки, додека „од другата страна нема резултати“.

„Нашата јавност се двоуми околу уставните измени бидејќи неодамна имавме уставни измени, пред само четири години, за промената на името. Така, луѓето чувствуваат дека овој процес на ЕУ стана подвижна цел и дека мораме да продолжиме да правиме отстапки, додека од другата страна нема резултати. Околностите станаа малку тешки за да го продолжиме процесот“, рече Османи.

Во однос на реформската агенда и напредокот на земјава во борбата против корупцијата, Османи вели дека имаме најдобар резултат во регионот во исполнување на политичките и економските критериуми од европското АКИ, а за уште подобро да напредуваме и да покажеме вистински резултати потребно е да почнеме да ги отвораме преговарачките кластери.

„Инсистираме на отворање на кластерите за преговарање. Преговорите за пристапување ги имаат овие сеопфатни поглавја за владеење на правото, поглавја 23 и 24, кои се отвораат први и затвораат последни. И тие ја обезбедуваат рамката преку која ќе можеме да го подобриме и да го европеизираме нашето општество“, потенцира Османи.

Тој потсетува дека со тоа што толку долго беше на патот кон ЕУ, земјава беше фаворит дури и во споредба со држави кои ги започнаа пристапните преговори пред десетина години.