Министерот за надворешни работи Бујар Османи од утре ќе престојува дводневна работна посета на Брисел, во чии рамки на покана на претседавачот со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, неговиот грчки колега Никос Дендијас, ќе учествува на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ПСЈИЕ.
Како што соопшти МНР, на маргините на министерскиот состанок, Османи ќе има одвоена билатерална средба со министерот за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев.
Програмата на посетата на Османи предвидува и учество на дебата „Дискусија за иднината на Европа – перспективи и придонеси од Западен Балкан“. Настанот е инициран од Османи во рамки на новиот формат „Б6“, лансиран во Охрид на маргините на „Преспа форумот за дијалог“,во соработка со Колеџот на Европа од Бриж.
– Целта на иницијативата е министрите за надворешни работи од Западен Балкан, заедно со копретседавачите на Конференцијата за иднината на Европа, потпретседателката на Европската комисија, Дубравка Шуица, европратеникот Ги Верхофштад и државниот секретар на МНР на Словенија, Гашпар Довжан, да дадат инклузивен и сеопфатен придонес во пошироката европска дебата за еден од најважните проекти на ниво на ЕУ – Конференцијата за иднината на Европа, се наведува во соопштението.
Агендата на Османи во Брисел опфаќа и средби со високи претставници на европските институции, меѓу кои и со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеи и специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот Белград – Приштина, Мирослав Лајчак.
Во програмата се предвидени и средби на Османи со високи официјални претставници на Европскиот парламент, меѓу кои со копретседавачот на Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, Андреас Шидер, со известителот на Европарламентот за земјава, Илхан Ќучук, како и со координаторот во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), Михаел Галер.
– Клучна точка на разговорите ќе биде европското досие на Северна Македонија, регионалните случувања и политичките актуелности во државата. Фокусот на Османи ќе биде ставен на реафирмација на силната проевропска програма на Владата, определеноста за унапредување на добрососедските односи и продолжувањето на реформските процеси со ЕУ предзнак, се додава во соопштението на Министерството за надворешни работи.