Министерството за надворешни работи останува во комуникација со македонското национално малцинство Албанија за прашања кои ги засегаат Македонците овде и активно е ангажирано за заштита и промовирање на нивната етничката, културна и јазична посебност, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи по работна посета на Требиште и Пустец и средбите со истакнати активисти и претставници на тамошните Македонци и на локалните власти.
Како што соопшти МНР, оваа втора по ред посета на Османи на Македонците во Албанија во изминатите неколку месеци е во рамките на континуираната соработка меѓу Министерството за надворешни работи и македонските здруженија од оваа соседна земја.
Во фокус на разговорите на Османи со неговите домаќини беше положбата на Македонците во Албанија и поддршката што тие ја добиваат од институциите на Северна Македонија, при што министерот како конкретна форма на таа помош ги издвои проектите финансирани од МНР и владините стипендии за студирање во земјава.
Министерот Османи потенцира дека ќе подготви информација до Владата и акциски план, како Северна Македонија и нејзините институции можат преку конкретни проекти да им помогнат на Македонците во Албанија.
На средбата со претставниците на Требиште се разговараше и околу можностите за промена на работното време на граничниот премин „Требиште-Џепиште“, како исклучително важно за прашање за македонското население во регионот на Голо Брдо за проширувањето на соработката меѓу локалните единици од двете страни на границата и за поттикнување на економската и културната соработка.
Османи во разговорите го потенцира значењето на иницијативата „Отворен Балкан“, која меѓу другото подразбира отворање нови или ревитализирање на постојните гранични премини. Тој потенцираше дека преминот „Требиште-Џепиште“ ќе придонесе за уште поголема флуктуација на населението што ќе овозможи подобрување на севкупните состојби во тој крај.
При посетата на Пустец, пак, Османи се сретна и со претседателот на единствената партија на Македонците во Албанија – Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјоски, со градоначалникот Пали Колески и со Трајан Вангеловски, директорот на основното и средно училиште во ова место во кое учениците посетуваат настава на македонски јазик.
На средбите се разговараше за подобрување на условите за живеење и беа разгледани повеќе проекти поврзани со комуналното уредување на општината, а беше истакнаа и потребата од натамошно зголемување на можностите за студирање на Македонците од Албанија на високо образовните институции во Северна Македонија, која се спроведува повеќе децении.
Во рамки на престојот во Пустец, Османи ја посети и спомен куќата на писателот Стерјо Спасе, проект кој во рамките на ИПА програмата на ЕУ беше реализиран од страна на Битолскиот завод – музеј и Дирекцијата за култура на Корча.