Посочи дека процесот е сложен и дека немањето политичка влада во Бугарија е сериозна пречка, поради што не сакаат да ги подигаат очекувањата на граѓаните.
-Важно е да се нагласат следните факти и состојби. Прво – идентитетските прашања како што се македонскиот јазик, македонската етничка посебност, Македонците, не се и не може да бидат на масата на преговори. Второ – сметаме дека предлогот на португалското претседателство претставува добра основа за преговори. Трето – настојуваме да се одржи втората меѓувладина седница меѓу двете држави од која треба да излезе соодветен протокол, а од него и акциски план, кој што треба да премине во патоказ. Четврто – комуникацијата се остварува на различни нивоа со цел да се засили целокупниот билатерален дијалог. Петто – целта е заедничка, одржување на првата меѓувладина конференција и формално започнување на пристапните преговори со ЕУ, нагласи Османи, кој се обрати на македонски јазик, посочувајќи дека тоа го прави поради загриженоста на македонските граѓани..
И да не се усвои преговарачката рамка во јуни, како што посочи Османи, веќе е создаден доволно јасен терен со сензибилизација на нашите стратешки партнери и сите земји членки во ЕУ и напорите ќе продолжат веднаш по бугарските избори во рамки на словенечкото претседателство со ЕУ.
-Нашата стратегија е да не дозволиме да се изгуби драгоцено време и подготвени сме на искрени разговори со добра волја за постигнување на взаемно прифатливо решение со соседот Бугарија, но не по секоја цена и не на штета на државните интереси. Без разлика на предизвиците ние продолжува со нашите напори на сите ниво, истакна Османи.
Нагласи дека нашата дипломатија во последниот шестмесечен период не се штедела за да дојде до сите потребни точки од кои ќе зависи почетокот на преговорите и оти е добиена несебична и јасна поддршка во јуни Европскиот совет конечно да ја официјализира одлуката за почеток на преговори, со одржување на првата меѓувладина конференција.
-Од септември 2020 година до денеска забележително е зголемување на динамиката на односите и соработката. Чинот на заедничкото одбележување на празникот 24 мај го гледам како давање простор преку заедничко честување на историските ликови чија мисија била обединувачка да и дадеме простор на историјата да ни обезбеди заедничка иднина. Во таа насока беше и заедничкото честување на празникот на амбасадите на двете земји во Белград, Варшава, Прага и Киев. Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски прашања оствари пет официјални средби во овој период. Иако, не вродија со конкретни препораки, позитивно е што има отворена и директна комуникација. Договорено е до крајот на годината да се одржат уште две средби. Работата на комисијата е стручна и треба да остане колку што е можно понезависна и надвор од политичките влијанија. Само така, Комисијата може да работи ефективно и плодно. Комисијата веќе го усогласи годишниот извештај за својата работа, што очекуваме наскоро да биде потпишан, изјави Османи.
Во последните девет месеци, оцени дека се зголемила соработката и политичкиот дијалог меѓу двете земји, потсетувајќи дека Владата го назначи Владо Бучковски за специјален претставник во Софија, како и дека е постигнат договор за соработка меѓу националните телевизии и размена на дописници меѓу националните агенции.