Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска во просториите на МНР пред студентите од неколку универзитети од земјата, го претстави прeтстојниот Стратешки дијалог со САД, што ќе се одржи на 2 јуни во Вашингтон.
Претставувајќи го дијалогот, како што информира МНР, Османи истакнал дека се работи за исклучително значаен процес, кој на среден и долг рок ќе донесе важни бенефити за нашите граѓани и држава.
-Стратешкиот дијалог претставува надградба на традиционално пријателските односи и потврда за силното сојузништво меѓу двете земји. Северна Македонија е првата земја меѓу шесте земји од Западниот Балкан кој го почнува овој процес, рекол министерот Османи, додавајќи дека со ова билатералната соработка добива друга димензија, со специфични цели и резултати.
Конкретно, во интерес на академската заедница и студентите, било нагласено во фокус на агендата на дијалогот ќе биде соработката во областа на образованието и програмите за студентска размена.
-Ова ќе отвори нови можности за интензивирање на релациите помеѓу младите од двете земји, преку промоција на културна и образовна размена. Станува збор за стипендии за повеќе академски, професионални и културни програми, наменети за студенти, наставници, професионалци и идни лидери во Република Северна Македонија, рекол тој.
На настанот учествувале и претставници од Амбасадата на САД, како и бројни дипломати од Министерството за надворешни работи, при што студентите имаа можност за интерактивна дискусија, низ која можеа подетално да се информираат за своите теми од интерес.