Уште 8 пратеници се потребни за 80 гласа за уставните измени, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи додавајќи дека се прави пропаганда за уставните измени, а истакнува дека преговарачката рамка е гаранција дека нема да има нови барања од Бугарија, пренесува TV21.mk.
„Мислам дека недостигаат уште 8 пратеници. Гаранција е преговарачката рамка за која гласаа 27 земји членки. Во неа, во ниту едно поглавје, во ниту еден дел од 35 поглавја не е договорот со Бугарија или протоколот со Бугарија“, вели Бујар Османи.
Меѓутоа, според албанската страна проблем претставува неотстранувањето на 20% за албанскиот јазик. Иако Движење Беса условуваше за уставните измени со отстранување на оваа дефиниција, екс пратеникот на оваа партија, сега независен пратеник, Бастри Бајрами за ТВ21 рече дека ќе гласа за уставните измени,без да спомне каков било услов.
„Да, ќе гласам за уставните измени“, вели Бастри Бајрами.
За разлика од Бајрами, единствениот пратеник на Беса, Фадиљ Зендели за ТВ21 рече дека останува на ставот дека нема да гласа за.
„Не, нема да гласам за уставните измени бидејќи не се исполни нашиот предлог за отстранување на 20%“, вели Фадиљ Зендели.
Од друга страна, Изет Меџити како независен пратеник вели дека тој и другата независна пратеничка Мерита Коџаџику немаат дилеми за прашањето за уставните измени, но за бројките ќе зборуваат кога мнозинството ќе обезбеди 77 гласа.
„Никогаш немаме дилема околу ова прашање…но не ни е јасно зошто партиите во владата донесоа предлог каде што нема решение за албанскиот јазик…ако има волја и може да се најде решение за малцинските Заедници во Северна Македонија што не е услов за интеграција, зошто тогаш да не е време за албанскиот јазик?“, вели Изет Меџити.
Но, дали очекуваме регуларни или предвремени избори во случај да не се гласаат уставните измени, претседателот на државата Стево Пендаровски вели дека тоа ќе се знае на почетокот на есента.
„Не гледам корелација меѓу успешни и неуспешни уставни измени и предвремени избори, а за да знаеме дали ќе бидат успешни уставните измени, треба да дојде есен. Првото гласање треба да биде некаде во септември, потоа таканаречената Пржинска влада, и со ова практично влегуваме во предизборие на редовните претседателски избори напролет“, порача Стево Пендаровски.
Инаку, доколку до 18 август не се обезбедат 80 гласа „за“, гласањето за уставните измени ќе се одложи.