Министерот за надворешни работи Бујар Османи, на покана на Венди Шерман, заменик државен секретар на САД, денеска учествуваше на видео состанок посветен на најновите случувања во Авганистан. На состанокот, покрај Република С Македонија учествуваа и земји членки на ЕУ и НАТО, како и други пријателски земји од различни региони во светот, подготвени да обезбедат привремено прибежиште за граѓаните на Авганистан кои во моментов се под сериозна закана за нивните животи, и како и за безбедноста на нивните семејства.

Османи ги информираше сојузниците за успешниот процес на евакуација на наши државјани од Авганистан, од кои еден дел се веќе пристигнати во државата, при што упати благодарност до сите партнерски земји кои ги поддржаа нашите напори во таа насока, соопшти МНР.

–  Македонија ги заврши сите неопходни подготовки и во очекување сме да прифатиме мал дел од мирољубивото население од Авганистан, пред се жени и деца, како и претставници на хуманитарни организации кои во изминативе 20 години, заедно со НАТО сојузниците, вклучувајќи ја и нашата Армија, учествуваа во изградбата на демократските процеси во таа земја. Повикувајќи се на принципите на солидарност и хуманост, како исклучително значајни во овие тешки моменти за државјаните на Авганистан тоа е најмалку што можеме да го направиме за овие луѓе, истакнал Османи.

На состанокот е разгледана моменталната безбедносна состојба во Авганистан и реафирмирана меѓусебната соработката и заедничките напори за надминување на актуелните предизвици, како и намалување на ризикот од појава на нова хуманитарна криза.