Од Министерството за надворешни работи (МНР) информираат дека во фокусот на разговорите во Брисел ќе биде политиката на отворени врати на НАТО, што, како што се наведува, се потврдува со пристапувањето на Финска како 31. земја членка на Алијансата

 

Од Рим, каде што учествуваше на министерскиот состанок за Западен Балкан, министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска продолжува во Брисел каде што денеска и утре ќе се одржи НАТО министерски состанок.

Од Министерството за надворешни работи (МНР) информираат дека во фокусот на разговорите во Брисел ќе биде политиката на отворени врати на НАТО, што, како што се наведува, се потврдува со пристапувањето на Финска како 31. земја членка на Алијансата.

 

Од МНР додаваат дека, меѓу останатото, на состанокот ќе стане збор и за актуелните безбедносни предизвици, последиците од руската инвазија, како и поддршката за Украина.

 

„На состанокот ќе се трасира патот за следните подготовки за претстојниот НАТО самит во Вилнус, а ќе бидат разгледани и начините за унапредување на соработката со партнерите, со цел заеднички да се одговори на заканите и предизвиците со кои се соочуваат НАТО-членките“, се наведува во соопштението од МНР.

 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера беше во Рим, каде што учествуваше на министерскиот состанок за Западен Балкан.

Оттаму порача дека на Северна Македонија ѝ е потребна поголема интеграција во Европската Унија уште пред самото членство во неа, за, како што рече, кај граѓаните да се врати довербата во овој процес

Во обраќањето тој потенцира и дека земјава досега се покажала како доверлив партнер на ЕУ и НАТО и придонесува за регионалната стабилност и на нашите соседи, со цел да ги затворат нивните отворени билатерални прашања. Како пример го посочи дијалогот меѓу Белград и Приштина што неодамна се одржа во Охрид.