Алиу учествуваше на основањето на Пан-албанскиот колеџ на хирурзи во Тирана
Министерот за здравство, Азир Алиу, вчера присуствуваше на основањето на Пан-албанскиот колеџ на хирурзи (ПАКХ), кое се одржа во Тирана, Албанија. На настанот беа присутни хирурзи од Македонија, Албанија, Косово, Австрија, Германија, Швајцарија, САД и други држави.
„Хирургијата е област која бара високи стандарди затоа што може да биде прашање на живот или смрт за човекот. Основањето на ПАКХ е важно не само за хирурзите, туку и за здравствените системи во целиот регион“, истакна министерот Алиу.
Мостови на соработка и континуирано образование
Алиу нагласи дека новата организација ќе овозможи континуирано образование, размена на искуства, менторство и заеднички програми за обука.
„Кога професионалците се обединуваат околу стандардите, здравствените политики стануваат пореални и применливи. Овој колеџ ќе прерасне во платформа за обуки, симулациски тренинг и академска соработка“, додаде министерот.
Зајакнување на довербата во здравството
Министерот потенцираше дека колеџот е резултат на долгорочна работа и ќе ја подигне довербата во здравството.
„Здравството е просторот каде политиката мора да биде најодговорна, бидејќи секоја одлука допира до човечки живот“, рече Алиу, нагласувајќи дека ПАКХ ќе овозможи стабилна прекугранична соработка и консултации меѓу институциите.
