Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство определи мерки притвор за осум лица кои учествувале во настаните пред Собранието на Република Северна Македонија 5-ти јули 2022 година. За седум лица судот им определи мерка куќен притвор, а на еден од осомничените мерка притвор, сите во траење од осум дена.
– Ја информираме јавноста дека осум лица во текот на вчерашниот ден беа спроведени пред судија на претходна постапка при Кривичниот суд, кој по произнесување на осомничените во присуство на бранител, донесе решенија со кои на 7 од осомничените им определи мерка куќен притвор, а на еден од осомничените мерка притвор, сите во траење од 8 дена согласно предлогот на обвинителството за водење на истрага во скратеан постапка, а заради постоење на основите од чл. 470 ст.1 т. 1 и 2 од ЗКП, односно опасност од бегство и можност да го повтори делото, се вели во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
Против овие, неправосилни решенија, странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Основното јавно обвинителство Скопје, претходно поведе постапка против осум полнолетни лица, за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
– Осомничените, за време на јавен собир на граѓани, учествувале во толпа и заеднички дејствувале така што започнале да ја влечат заштитната метална ограда поставена од МВР. Oткако ја оттргнале оградата, со тврди предмети – камења, бекатон плочки, железни предмети, сообраќајни знаци, корпи за отпадоци, пиротехнички средства и молотови коктели започнале да фрлаат кон зградата на Собранието. Притоа, на еден полициски службеник му нанеле тешка телесна повреда, а на 27 полицајци распоредени во полициски кордон за заштита на зградата на Собранието и чување на јавниот ред и мир, им нанеле телесни повреди. Со дејствијата осомничените ја оштетиле фасадата на Собранието, искршиле прозорци, го искршиле објектот за обезбедување поставен од МВР, оштетиле полициска опрема и едно полициско возило, се вели во соопштениет од ОЈО Скопје.
Од осумтемина осомничени, шест се на возраст меѓу 18 и 22 години, еден е на возраст од 30 и еден на возраст од 36 години. За настанот се пријавени и три малолетни лица, за кои постапката ќе се води согласно Законот за правда за децата.