Дел од основните прехранбени производи од вчера се продаваат со нула проценти ДДВ, а од минатата недела намалени се и маржите. Без ДДВ се продаваат лебот, брашното тип-400, млекото со масленост од 2,8, од 3,2 и од 3,5 проценти масленост, белиот шеќер, сончогледовото масло, месото и други кланични производи за јадење, белиот ориз и јајцата.

Министерот за економија Крешник Бектеши апелира до граѓаните да побараат фискална сметка во маркетите со која ќе видат дали овие производи се со нула проценти ДДВ.

– Апелираме до граѓаните да си ја побараат својата фискална сметка во маркетите, порача Бектеши на „Фејсбук“.

Укинувањето на ДДВ-то за основните прехранбени производи е резултат на измените на Законот за ДДВ, предложени од Министерството за финансии како дел од 26-те антикризни мерки за справување со тековната ситуација предизвикана од руско-украинската криза.

– Ќе истакнам повторно, никој не вели дека ќе биде лесно, но стоиме зад тоа дека ќе има борба, од Владата, за да граѓаните што помалку ги почувствуваат притисоците од руско-украинскиот конфликт. Тоа впрочем го докажавме и со антикризните мерки за време на пандемијата со кои значително беа амортизирани ефектите врз економијата и за кои добивме најдобри оценки од меѓународните финансиски институции, напиша министерот за финансии Фатмир Бесими на „Фејсбук“.

Со овие мерки, кои се дел од антикризниот пакет, Владата очекува надолен притисок врз малопродажните цени на основните прехранбени производи со што ќе се делува врз зачувувањето на животниот стандард на граѓаните во услови на криза.

– Покрај оваа мерка, во пакетот 26-те мерки за заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите е вклучена и мерката за продолжувањето на примената на повластената стапка од 5 проценти на ДДВ кај електричната енергија кон домаќинствата до крајот на 2022 година, како и мерките за намалени акцизи и ДДВ за горивата со кои во моментов Република Северна Македонија има најниски цени на горивата во регионот, информираше вчера владината прес-служба.

По руско-украинскиот конфликт и порастот на цената на енергенсите на светските берзи, Регулаторната комисија за енергетика на дневно ниво носи одлука за цената на горивата согласно изменетиот Правилник за одредување на малопродажните цени на нафтените деривати. Според Правилникот, може секој ден да се носат одлуки за промена на цените на горивата доколку пресметката за цената на било кој нафтен дериват оди нагоре или надоле за два денара.

Од Регулаторната комисија за енергетика вчера повторно направија надолна корекција на цената на горивата при што бензините поевтинија за два, а дизелот за три денари по литар. Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 79,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 81,5, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 76, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 72,5 денари за литар.

Поради кризата, беше донесен пакет од 26 мерки во вредност од 400 милиони евра за економска заштита на граѓаните и на стопанството, а Владата донесе и мерки за штедење во јавниот сектор со кои за забранува набавка на мебел и возила, а буџетските корисници и правни лица основани од државата ќе треба за 50 проценти да ги намалат и расходите за репрезентација, спонзорства и реклами и користењето на службени возила. Јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост ќе треба да ги намалат тековните расходи за 15 проценти и да ги преработат своите финансиски планови и инвестициски програми. Секој што нема да ги почитува овие одлуки, ќе биде санкциониран, вети премиерот Димитар Ковачевски, кој најави дека ќе го намали и бројот на советници во неговиот Кабинет.