Криумчарење на луксузни возила и царински измами
Во најновата акција на полицијата и Обвинителството, откриена е криминална група која криумчарела скапи автомобили од Европа. Обвинети се 10 лица за криминални дела поврзани со шверц на луксузни возила, фалсификувани документи и царински измами, информира Основното јавно обвинителство.
Според ОЈО, групата во периодот од 2021 до 2022 година, со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувала во Македонија автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и возила за кои се избегнувала царинската контрола. Потоа, автомобилите биле регистрирани во земјата, а дел од нив неколкупати меѓусебно препродавани со цел да се прикрие криумчарењето, пред да бидат продадени на крајните корисници.
„Меѓу осомничените се и две службени лица – вработени во управни служби за регистрација на возилата,“ изјавуваат од Обвинителството. Осомничен е и еден грчки државјанин, за кого понатамошниот кривичен прогон ќе го преземе Обвинителството во Грција.
Тошковски: „Македонските граѓани заслужуваат стабилност“
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека борбата против криминалот останува приоритет на институциите.
„Акцијата е насочена кон сузбивање на организирана криминална група која се занимава со криумчарење на скапи моторни возила, фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба. Денеска се вршеа претреси на повеќе локации. Продолжуваме со борбата против сите облици на криминал, затоа што македонските граѓани заслужуваат да живеат во стабилна и безбедна држава,“ потенцира министерот Тошковски.
Резултати од борбата против криминалот
Во текот на само еден месец, Министерството за внатрешни работи успеало да сузбие неколку криминални групи поврзани со нарачани убиства, трговија со наркотици, обиди за ликвидација, изнуда, закани и рекет. Тошковски најави дека ова е само почеток и дека институциите со целосен капацитет ќе продолжат со акциите против криминалот во државата.