Осумте обвинети во случајот „Багер“ кои се занимавале со неовластено истражување и ископ на движни добра под привремена заштита, поточно културно наследство, на првото рочиште ја признаа вината. Овие дејствија ги изнесе Јавното обвинителство за борба против организиран криминал и корупција, кое во јуни годинава го поднесе обвинителниот акт. Оваа информација попладнево ја соопшти Јавното обвинителство на Македонија.

– Според опишаните дејствија во диспозитивот на Обвинителниот акт, сите обвинети сториле кривично дело Злосторничко здружување, а првообвинетиот С.Џ. (47) врз основа на признание дека ги сторил и кривичните дела Прикривање, Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости, Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи е осуден на единствена казна затвор во траење од 5 години и 2 месеци, појаснуваат во денешното соопштение од ЈО.

Четворицата обвинети М.С.(42), Г.К.(45),И.С.(48),и М.Џ.(37), освен кривичното дело Злосторничко здружување, информираат од Обвинителството, признале дека сториле и кривично дело оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости за што судот им изрече алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор од две години која нема да се изврши доколку обвинетите во рок од пет години од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.

– Д.Р.(36) кој беше обвинет и за кривичното дело Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, врз основа на признание на вина судот му изрече единствена казна затвор во траење од 2 години и 6 месеци. Т.А.(58) покрај кривичните дела Злосторничко здружување и Прикривање, го призна и кривичното дело Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости за кои му е изречена единствена затворска казна од 3 години и 8 месеци, соопштија од Јавното обвинителство.

Најмладиот обвинет Р.З. (28), ги признал кривичните дела Злосторничко здружување, оштетување или уништување добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости и извоз на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости. Тој е осуден на единствена затворска казна од 3 години и 2 месеци. Судењата за преостанатите три обвинети лица се уште се во тек, информираат од Јавното обвинителство.