ДДВ од 5% при купување прв стан

На пленарна седница во Собрание на Република Северна Македонија ќе биде усвоена законска измена со која се продолжува примената на повластената стапка од 5 отсто ДДВ при прво купување стан. Ова го најави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Катерина Димитровска.

Важи до декември 2028 година

Со измените на Законот за данокот на додадена вредност, повластената стапка ќе продолжи да се применува до декември 2028 година. Таа ќе важи за прв промет на станбени згради и станови што се користат исклучиво за домување, со што се обезбедува континуитет на постојното решение.

Конкретна заштеда за купувачите

Димитровска истакна дека мерката има директно влијание врз животниот стандард на граѓаните и спречува дополнителен ценовен притисок на пазарот на недвижности. Како што посочи, за стан од околу 70 квадратни метри, заштедата може да достигне и до 15.000 евра, во зависност од купопродажната цена, што претставува реална финансиска поддршка.

Спречување ново поскапување на становите

Таа потсети дека според претходното законско решение било предвидено зголемување на ДДВ од 5 на 18 проценти од јануари 2026 година, што, според оценките, ќе доведело до ново поскапување на становите. Во услови на високи цени и отежнат пристап до сопствен дом, особено за младите семејства, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја поднеле измената со цел да се намали просторот за дополнително поскапување од страна на инвеститорите. Димитровска нагласи дека ваквите законски решенија се суштината на работата на пратениците и директно придонесуваат за подобрување на животниот стандард.

Извор: Плусинфо