Доверлива е сумата на договорот што бил потпишан за купопродажбата на трговскиот центар „Соравија“, истакна на денешната прес-конференција досегашниот сопственик Хано Соравија, објави Макфакс.
Одговарајќи на прашањата на новинарите, тој зборуваше за долгот од 20 милиони евра, но прашан за вредноста на договорот кој е потпишан, без разлика на долговите, кусо изјави дека информацијата е доверлива и верува во иднината на проектот со новиот менаџмент очекувајќи набргу да се видат бенефициите.
Рече дека по трансакциите, ќе има само 10 отсто од уделот во „Соравија“ и најави дека бизнисот го сели во Валона, Албанија, каде што има можност за инвестиции со искусни партнери.
За внукот на Ахмети, Дрин, кој го купува трговскиот центар, имаше само пофални зборови.
„Задоволен сум што најдов партнери од вашата држава. Имав можност да го сретнам Дрин. Ни ги кажа своите идеи, има силни компании во заднина. Мојот тим стекна доверба во него и во неговата компанија во следните години. Дрин е млад човек што гледа во иднината. Се надевам дека ќе ги пренесе своите идеи“, рече Соравија.
Прашан за колава сума ја купил зградата на трговскиот центар, рече дека не може да се сети и дека може само да претпоставува.
Според одредени пресметки, деловниот центар вреди околу 31 милон евра.
Бизнисменот Дрин Ахмети објасни дека дознал за долговите што ги има деловниот центар, а не може да ги врати, по што стапил во контакт со австрискиот милијардер и инвеститор Хано Соравија. Имало разговори и анализи и тогаш Дрин Ахмети решил со фирмите да го купи бизнис-центарот, но да ги исплати и долговите.