Обвинението за таткото не е поткрепено со докази, вели бранителот по завршните зборови

Обвинението за таткото на Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, не е поткрепено со ниту еден директен доказ, изјави неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ по денешното рочиште во Кривичниот суд. Тој оцени дека Обвинителството настапило без енергија и аргументи и само прочитало делови од доказите, без да ги поврзе логички.

„Се остварија моите предвидувања дека Обвинителството нема да го повлече обвинението и верувам во една праведна одлука на судот за таткото,“ изјави Туфегџиќ, додавајќи дека „обвинението не е поддржано со ниеден доказ за инволвираност на Александар Ѓорчевски во случајот“.

Нема комуникации, нема поврзаност, нема мотив

Според адвокатот, во телефонската анализа на сите обвинети не постои ниту една комуникација меѓу Александар и останатите четворица обвинети. Тоа, според него, е основата на одбраната – дека таткото нема никаква поврзаност со останатите.

„Тој нема никаква врска со овие луѓе. Слушнавме докази од кои секој обичен набљудувач може да заклучи дека основот – користољубие – одамна е отфрлен. Ова дело, според мене, имало цел да внесе страв и немир во училиштата, а не да се стекне материјална корист,“ рече Туфегџиќ.

Адвокатот посочи и на сериозни пропусти во истрагата. Потенцираше дека се применувала тортура во 21 век, наместо современи истражни методи. Според него, истрагата била површна и без методолошка прецизност.

Обвинителството се потпира на перцепција, а не на факти

Обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска, во завршниот збор од речиси четири часа, не презентираше нови докази. Според она што беше изнесено, обвинението за таткото се темели на тоа што тој бил „чуден“ за некои инспектори, што веднаш излегол од дома кога ја снемало Вања

Мајката, Зорица Ѓорчевска, во сведочењето кажа дека е разбирливо што реагирал веднаш, бидејќи се работело за неговото дете.

Иако не беше презентиран доказ за користољубие, обвинителката го повтори тврдењето дека убиството било извршено со цел за добивка. Сепак, врската помеѓу станот и трагичниот настан не беше објаснета. Притоа, не беше објаснето зошто таткото би давал информации, кога не постои ниеден елемент што укажува на таква комуникација или план.

Не докажа ниту дека Александар дејствувал од користољубие, односно, за Обвинителството е доказ тоа што  тие сметаат дека таткото бил во финансиска криза, иако ниту тоа не го докажаа. За доказ го сметаат и тоа што таткото не го солменизирал на нотар договорот за дар на станот на Наум Наумовски Борче на помалата ќерка, иако е нејасно како станот е причина за грабнувањето и за убиството. Обвинителката повеќе пати повтори дека таткото им бил чуден на полицајците затоа што цело време велел дека Вања е киднапирана и дека не излегувал од возилото кога полицајците ја барале Вања среде ноќ во грмушки на Водно. За обвинителката сомнежот на двајцата инспектори од истрагата е доказ.

Обвинителката го спомна и тоа што Ѓорчевски во младоста бил зависник од хероин и дека се грижел сам за децата, иако имал баби на располагање.

Крстевска Јосифовска рече дека „обвинетите биле во лоша финансиска состојба и сакале да си ја подобрат преку злосторството“, но конкретни докази за тоа не беа понудени. И покрај најавите, завршниот збор не донесе разјаснување на мотивот, ниту потврда на обвинувањата со нови или силни докази.

„Договорите за дар на становите на двете ќерки Вања и Миња никогаш не се солменизирани на нотар, а без тоа нема промена во имотен лист. Ѓорчевски знаел што значи имотен лист. Обвинетиот е невработен, не работел 8 години, па се вработил, па пак останал без работа. Обвинетите биле во лоша финансиска состојба и сакале да си ја подобрат преку злосторството,“ изјави таа во последниот дел од својот завршен збор.